Приведени 7 полицајци – дале согласност дека кабарето во Кочани ги исполнува условите за работа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со лисици на рацете полицајци од Кочани и Штип беа доведени во Кривичниот суд.

Обвинителството ги сомничи седумтемина полицајци за тешки дела против општата сигурност. Тие не сметаат дека се виновни за трагедијата.

„Н: Дали сте поранешен вработен во МВР?

–             Сегашен сум.

Н: Чувствувате вина?

–             Не…“

Од друга страна, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека тие овозможиле дискотеката да работи и покрај супстандардните услови. Според сомнежите, тие изготвиле незаконски документи па така, како што кажа Тошковски, придонеле да се случи ужасната трагедија. Тој додаде дека дел од полицајците до Министерството за економија испратиле позитивна согласност за кабарето, иако не извршиле соодветна проверка. 

„Како соизвршители, осомничените, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре, иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа“, вели Панче Тошковски.

Покрај за полицајците, денеска бил побаран притвор и за уште едно раководно лице во Министерството за економија, без да се откријат повеќе детали зошто. Вкупниот број на лица за кои е побаран притвор сега е 26.

„ОЈО – Кочани до надлежниот суд достави предлози за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48 часа за 16 лица досега опфатени во постапката. На уште две лица, по предлог на Обвинителството, притвор им е определен во текот на вчерашниот ден.“

Меѓу лицата за кои се бара продолжување на мерката притвор се и екс министерот Крешник Бектеши, поранешниот прв човек на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски и поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути. По новите 48 часа за нив, на Обвинителството ќе му преостане евентуално да побара и 30 дена.