Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека е поднесена кривична пријава против три лица од Скопје, осомничени дека нападнале 14-годишно дете. Според МВР, при нападот бил употребен тврд предмет, а со остар предмет на жртвата ѝ биле нанесени телесни повреди.
Од Министерството информираат дека на местото на настанот бил пронајден ножот со кој било извршено кривичното дело, по што бил испратен на вештачење.
„Поднесена е кривична пријава против три лица од Скопје за сторено кривично дело „насилство врз дете“.
СВР Скопје – Единицата за насилен криминал поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Ј.Ј. (19), В.С. (23) и В.А. (19), сите од Скопје, поради основано сомнение дека го сториле кривичното дело „насилство врз дете“ од член 201-а од Кривичниот законик.
Според пријавата, на 22.06.2026 година, околу 23:50 часот, во парк на улицата „Финска“, пријавените физички нападнале 14-годишен малолетник. За време на нападот бил употребен тврд предмет, а со остар предмет на жртвата ѝ биле нанесени повреди.
Полициски службеници извршиле увид на местото на настанот, при што бил пронајден ножот со кој било извршено кривичното дело и истиот бил испратен на вештачење. По преземените мерки, осомничените биле лишени од слобода, а со нив бил извршен службен разговор“, соопшти МВР.
