Додека граѓани со сериозни симптоми на Ковид 19 чекаат и по неколку дена за да дојдат на ред да бидат тестирани, се чини тоа не е случај и за пратеници, министри, но и други функционери. Привилегиите и во случајот со тестирањето се на нивна страна. Деновиве Марјан Забрчанец, советникот на премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил напиша дека во текот на денот добил симптоми, а уште вечерта добил резултат дека е позитивен на Ковид 19. И пратеничката Славјанка Петровска додека траеше собраниската седница доби симптоми и по неколку часа ги доби и резултатите. Тоа на некој начин го потврди и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски.
„Јас колку што ја имам информацијата и како координатор на пратеничката група така соопшти и пратеничката дека почувствувала некаква состојба во организмот чудна, отишла на тестирање и било констатирано дека е позитивна на вирусот.“, рече Митревски.
Протоколот вели дека оној за кого матичниот лекар ќе одлучи дека има сомнеж за Ковид 19 преку мој термин му закажува тестирање во некој од пунктовите. Директорот на Центарот за јавно здравје Александар Стојанов вели дека оние кои не сакаат да чекаат одат на тестирање во приватните болници. Но, таму треба да платат околу 50 евра, што секој не може да си го дозволи.
„Значи дали сте политичар или не сте не е битна брзината битно е точниот момент да го најдете кога треба да се тестирате за да биде валиден тестот. Инаку јас можам да ви кажам во мојата фирма, во мојата фирма не сме имале такви работи. Дали немале потреба овде да доаѓаат политичарите и да се проверуваат, но овде имаат третман сите подеднакво. Не сме имале потреба да доаѓаме во такви ситуации.“, вели Стојанов.
Претходно и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објави вечерта дека откако добил симптоми се тестирал по што се покажало дека е позитивен на Ковид 19. Веднаш другиот ден тестови направија и премиерот Заев и вицепремиерот Николовски и експресно уште попладнето објавија дека се негативни.
