Признаа вина и се извинија за нападот врз полицајците – условна затворска казна од една година за демонстрантите во Тетово

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Судот во Тетово ги прогласи за виновни петмината демонстранти кои учествуваа на протестот организиран за трагедијата што се случи на 8 септември во овој град. Сите добија условна затворска казна од по една година, што значи дека во рок од три години не смеат да го повторат делото. Осудените претходно ја признаа вината и се извинија за нападот врз полицајците на протестот. Полициските службеници го прифатија извинувањето, но не побараа отштета, туку само кривична одговорност.

Блерим Ахмеди, Насер Бељули, Арјан Шерифи, Џемал Садику и Ветон Алити врз основа на судска одлука, ќе треба во рок од 24 часа да се ослободат од притвор.
Таткото на обвинетиот Блерим Ахмети, Мустафа Ахмети вели дека не е задоволен бидејќи неговиот син протестирал за правда, додавајќи дека тие што се одговорни за трагедијата се на слобода.

„Не сме задоволни бидејќи прогласија за виновни луѓе кои ја бранат правдата, тие излегоа да ја бранат правдата, не излегоа да кршат, излегоа да изразат вонреден граѓански револт. Јас не бев но ги следев до моментот кога полицијата ги блокираше. Потоа премина во несреќа за да се случи вака“, истакна Мустафа Ахмети.

На 17 септември во Тетово беше организиран протест на кој се бараше правда за 14 жртви  во модуларната болница во Тетово. Протестот ескалираше кога полицискиот кордон им го блокираше патот на демонстрантите кои беа тргнати кон седиштето на ДУИ. Некои од демонстрантите се обидоа преку приватна куќа да стигнат до седиштето каде се судрија со полициски кордон, по што беа уапсени петмина демонстранти кои се веќе осудени.