Проблемите на Ромите се одолговлекуваат 30 години – расизмот и дискриминацијата сѐ уште се главен белег

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Дури 85,6 проценти од Ромките не го посетиле својот матичен гинеколог, а само три отсто од граѓаните вклучени во активните мерки за вработување се Роми. И додека припадниците на ромската етничка заедница се уште се жртви на расизам, дискриминација и сегрегација, не можеме да зборуваме за значаен напредок во превенцијата и заштитата на Ромите на системско ниво, велат до Комисијата за заштита од дискриминација. Ваквата ранливост на Ромите е зголемена во време на пандемијата, предизвикана од Ковид-19, бидејќи, како што велат голем дел од ромската етничка заедница се соочува со екстремна сиромаштија, супстандардни услови за живот и недостиг на адекватна здравствена заштита.

„Со екот на пандемијата системските проблеми испливаа на површина, не само за ромската заедница, туку за сите. Она што се јави како егзистенцијалени проблеми во раките на Ковид пандемијата се всушност проблеми кои произлегуваат во областа на неформалната економија како и во областа на домување. Ние 30 години од постоење на нашата држава не успеавме ромските населби да ги легализираме. Немаме пристам до вода, немаме асфалтирани улици, па во услови на пандемија кога немате пристап многу тешко може да се придржувате до препораките кои ги даваме секојдневно“, истакна Алберт Мемети.

Зголемувањето на невработеноста, како и одсуството на социјалната заштита се дел од проблемите со кои се соочуваат, велат Ромите кои тв 21 ги сретна при посетата на Топанско поле.

„Од овој живот нема аир. Никој не ги гледа сиромашните. Зошто? Има луѓе кои живеат од социјално, мизерно социјално. Дали да плаќа струја, дали да плаќа вода, дали телевизија да плаќа, дали да плаќа болница, дали да јаде, од каде ќе земе? Неам аир, џабе зборуваме“, вели граѓанин.

„Нема вработување, нема ништо. Улицата е таа, не знам колку години, ама таа е, нема никакви промени, ново нешто да се прави, ново нешто нема. Тоа е старо. Они ветуваат, ама кој ќе прави? “, додава граѓанин.

Она што во рамките на овие 30 години не се успеа и со државни политики но и со проекти кои што се спроведуваат е всушност да се таргетираат најмаргинализираните групи, односно децата на улица и лицата кои се бездомници за да се овозможи еднаков пристап до услови за живеење и егзистенција. Воедно, социјалната зграда која требаше да се изгради во Шуто Оризари, сеуште не е изградена. Денеска се одбележува Меѓународниот ден на Ромите. За Меѓународен ден на Ромите 8 април официјално е прогласен во 1990 година на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска.

„Меѓународниот ден на Ромите ја слави борбата против дискриминацијата, сегрегацијата и маргинализацијата со кои Ромите се соочуваат секојдневно во речиси сите оштествени сфери“, посочи репортерката на ТВ21.