Премиерот Ковачевски ги демантира гласините во јавноста дека дел од МЕПСО ќе се продава на грчки електропреносен систем оператор и дека тој е во целосна сопственост на државата. Тој ја обвини опозицијата дека всушност е таа која шири лажни вести.
„Се работи за неточни наводи, за лажни вести, а за тоа имаше соопштение и МЕПСО, државната компанија, која што кажа дека МЕПСО ниту има разговарано ниту преговара со било кого за продавање на нејзин дел која што е компанија во сто проценти државна сопственост. Исто така и Владата нема никакви разговори во однос на продавање на МЕПСО“, вели Димитар Ковачевски.
Но, на забелешката дека тоа го пишуваат грчки медиуми, Ковачевски рече дека тогаш и Македонија ќе купи дел од солунското пристаниште.
„Тие може да имаат свои стратегии исто како што и ние можеме да имаме стратегија, доколку тие сакаат да купат дел во некоја наша компанија тогаш и ние сме заинтересирани за купување на солунското пристаниште“, порача Димитар Ковачевски.
Откако дел од грчките медиуми пишуваа дека грчкиот електроенергетски оператор ИПТО планира да ја зајакне својата позиција на балканскиот пазар со тоа што ќе стекне удел во македонскиот оператор МЕПСО свој демант на ова денеска изнесе и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Ние до ден денеска немаме официјално добиено никаков предлог и немаме преговори. Ние кажавме дека таква одлука нема на Влада а секако јас сум отворен секогаш велам, се што е добро за одржливост би требало да се разговара но ова што денеска го слушам за прв пат, таква информација немам“, вели Фатмир Битиќи.
Грчкиот портал Енерџи прес пишуваше дека тамошниот преносен систем ИПТО, гледа на балканскиот пазар да ја зајакне својата позиција и веќе извесен период е во разговори со претставници на македонската влада.
