Државата ќе продолжи со мерките за следење и обезбедување стабилно снабдување со нафта и нафтени деривати. Собранието денеска ја усвои одлуката за продолжување на кризната состојба, која ќе остане во сила до 20 октомври 2026 година.
Одлуката беше донесена со 88 гласа „за“, без ниту еден глас „против“ или „воздржан“. Новиот период на важност на кризната состојба започнува од 21 јули.
Владата претходно, на седницата одржана на 17 јули, побара продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради можноста од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати на територијата на државата.
Како што информираа од владината прес-служба, продолжувањето на мерките треба да обезбеди институционална подготвеност за навремена реакција доколку се појават проблеми со снабдувањето или значителни промени на цените на меѓународните пазари.
„Целта е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со кој ќе се зачува стабилноста во снабдувањето, ќе се ублажат можните последици од пазарните нарушувања и ќе се заштитат интересите на граѓаните и стопанството“, посочија од Владата.
На седницата претходеше расправа меѓу власта и опозицијата. Пратениците од албанските опозициски партии побараа точката за продолжување на кризната состојба да биде разгледувана на посебна седница, оценувајќи дека начинот на свикување на седницата не бил во согласност со Деловникот.
Од опозицијата обвинија дека со ваквата постапка се прави обид паралелно да се разгледуваат и други законски решенија, меѓу кои и измените во високото образование.
По координацијата меѓу пратеничките групи беше постигнат договор законите за високото образование да не бидат ставени на дневен ред на оваа седница.
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, посочи дека продолжувањето на кризната состојба е неопходно за да не се доведе во ризик снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
Според него, евентуалното одложување на одлуката би можело да предизвика последици врз граѓаните, стопанството, транспортот, јавните служби и енергетската стабилност на државата.
Во рамки на 115. собраниска седница, пратениците ја утврдија и потребата по скратена постапка да се донесат измени на повеќе закони, меѓу кои оние за автокампови, енергетика, меѓународна и привремена заштита, како и за супервизија на осигурувањето. Предлог-законите ќе бидат разгледувани во надлежните собраниски комисии.
