Со 15-минутно доцнење започна денешното рочиште за трагедијата во „Пулс“. Уште пред да се отвори главната расправа, судијката Дијана Груевска Илиевска го соочи обвинетиот Џеваир Камбери со сериозен прекршок направен додека е во притвор.
Според информациите соопштени во судницата, при претрес во ќелијата на Камбери во истражниот затвор „Скопје“, биле пронајдени дури 13 мобилни телефони и еден лап-топ.
На прашањето на судијката за пронајдените уреди, Камбери даде бизарно оправдување: „Јас ги најдов таму уште кога влегов“, рече обвинетиот.
Судијката не го прифати ова објаснување, остро возвраќајќи: „13 мобилни телефони ги најдовте вие? Ве молам, знаете што следува понатаму – самица и други мерки.“
Главната расправа за трагедијата во „Пулс“ започна со изјаснување на оштетените, а глетката во судницата беше болно потсетување дека последиците од кобната ноќ се сѐ уште живи.
Обвинетите се изјаснија дека не чувствуваат вина.
Првообвинетиот Дејан Јованов – Деко кратко изјави: „Не се чувствувам виновен за кривичното дело кое ми се става на товар“.
Екс градоначалникот Љупчо Папазов беше најотворерн во критиката: „Ова е конструирано обвинение. Разбирам за што сум обвинет, но не може да се избегне впечатокот дека истрагата е селективна“.
Поранешниот директор на ДЗС, Шабан Салиу, изјави дека процесот е „политички мотивиран и правно неоснован“.
Градежниот инспектор Огњан Георгиев рече дека не разбира зошто е таму: „Немам никаква вина и треба да сум ослободен. Обвинет сум само за тука да има повеќе луѓе на број“.
