Продолжува партискиот судир околу изборниот законик – СДСМ обвинува за „изборна кражба“, ВМРО-ДПМНЕ повикува опозицијата да се договори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека не се стреми кон реформи во Изборниот законик, туку кон „изборна кражба“ и манипулација со околу 200 илјади гласови од дијаспората. Од опозициската партија изјавија дека реформската агенда се користи како алиби и дека ќе го бранат гласот на граѓаните од злоупотреби и манипулации.

„Ја укина техничката Влада на сила и без консензус. Откако не му пројде моделот за електронско гласање на дијаспората,  се обиде да протне нов за гласање по пошта – и повторно без никаква контрола и без да се гарантира волјата на граѓаните. Проблемот е кај власта, кај Мицкоски кој сака да манипулира со 200 илјади гласови“, вели СДСМ.

Според СДСМ, истото ВМРО-ДПМНЕ кое тврдеше дека веќе обезбедило договор со Левица и ДУИ, сега се обидува проблемот да го префрли на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска упатија повик до опозициските партии, СДСМ, ДУИ и Левица, да се договорат меѓусебно за Изборниот законик, притоа уверувајќи дека ќе прифатат се што ќе побараат, само за дијаспората да може да гласа електронски или по пошта.

„Да седнат да се договорат за една изборна единица, да седнат да се договорат за модел на финансирање, да седнат да се договорат за поплаките и начинот на којшто тие би биле прифатливи и конечно, да седнат и да се договорат дури и за моделот за изјаснување на дијаспората. Сето тоа коешто овие опозициски партии ќе го понудат до нас, ние тоа ќе го прифатиме“, вели Валентин Манасиевски.

ДУИ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека се повлекла од договорот за електронско гласање на дијаспората, барајќи меѓуетнички и меѓупартиски консензус, додека ВЛЕН бара дијаспората да гласа преку сигурна и транспарентна форма, без разлика дали тоа ќе биде електронски или по пошта.