„мора да седнат и да размислат како ќе продолжат затоа што сите се избрани од граѓаните за подобрување и заштита на правата на граѓаните“
Ова е пораката што премиерот, воедно и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски која им ја испрати на партиските советници во општина Струга, откако градоначалникот Рамиз Мерко се најде на црната листа на САД. Но, оттогаш нема никакви промени. Дали и понатаму ќе го чинат мнозинството во Советот заедно со ДУИ или ќе одлучат повеќе да не го поддржуваат Мерко. ТВ21 контактираше со претседателот на огранокот на СДСМ во Струга. Тој вели дека ќе ја продолжат соработката заради интерес на граѓаните.
„Нашата соработка ќе продолжи за се што е во интерес на граѓаните. Обврска на истражните органи е да ги истражат неговите сомнителни дела. Не сме ние тие што треба да бараме оставка, бидејќи градоначалникот е избран од граѓаните и само тие можат да бараат оставка“, вели Александар Попоски.
Запрашан за ова, портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски потсети на зборовите на неговиот шеф Ковачевски, дека како партија ги повикале своите советници во Струга да размислат како понатаму, но без да прецизираат која е партиска одлука.
„Рамиз Мерко е избран на непосредни локални избори. Како што кажавте, тој одлучува дали ќе поднесе оставка. Не можеме како политичка партија или како извршна власт да бараме оставка од него. Нашиот апел беше советниците да размислат како ќе постапат во иднина“, додаде Дарлп Каевски.
Инаку, вчера од огранокот на Алијансата за Албанците во Струга соопштија дека нивните советници нема да поддржат ниту една одлука во општината се додека на чело е Рамиз Мерко.
Партијата на Мерко, ДУИ, досега не побарала негова оставка од функцијата градоначалник, туку само му ги замрзна партиските активности, на негово барање.
Мерко се најде на црната листа на САД за вмешаност во корупција. Јавното обвинителство потврди дека против Мерко има околу 30 регистрирани предмети во Обвинителството Струга, Битола и во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. ЈОРМ работи на пет предмети, меѓу кои и набавка на службени автомобили за Општина Струга.
