Министерот за земјоделие Љупчо Николовски прави директен упад и создава паралелен систем со тоа што преку свои нови програми се исплатени 2.5 милиони евра надвор од процедурите со Платежната агенција, обвини и денеска дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски. Тврди дека во Комисијата која давала согласност кој ќе добие финансиски средства учествувал и претседателот на партиската Комисијата за земјоделство на СДСМ Гоце Георгиевски чиј татко добил финансиска помош.
„Во 2023 година фирмата Агростратус на таткото на Гоце Георгиевски кој е раководител на сектор за рурален развој во МЗШВ каде што се објавуваат овие програми, добива согласност за добивање на финансиска поддршка. Со ова само се потврдува дека Николовски овие програми и овој упад во системот го направил само за делење на државни пари на партиски лица и лица блиски до власта.Мора да има целосна истрага, случај по случај да се види како е можно едно семејство, односно двајца сопружници да добијат финансиска помош од по 10.000 евра, а другите да се одбиени?“, прашува Трипуновски.
Министерот Љупчо Николовски ги отфрла обвинувањата и повторно вели дека Трипуновски со ова покажува дека е против малите производители. Исплатата на средствата се врши според сите процедури а во распределбата на парите нема никаква селективност. Доколку дополнителниот заменик министер тврди дека е спротивно на процедурите да се обрати до истражните органи, рече Николовски.
„Сите процедури по однос на спроведувањето се испочитувани. Во ниту еден дел нема никакво изостанување на било која процедура. Од 60 апликации, 59 апликации беа успешни односно регуларни комплетни, соодветни со сите регистри и на крајот обезбедени беа средства за сите 59. Каде има тука селективност, каде има тука дека едни добиле, други не добиле.“, изјави Љупчо Николовски.
Николовски рече дека многу брзо во Собранието ќе се најде предлогот за изменување на Законот за земјоделско земјиште, со кое како што рече ќе се регулира правниот вакуум во продолжувањето на договорите за закуп на земјоделско земјиште.
