Продолжуваат реакциите кон Мицкоски – „Дијаспората се попишува и ќе биде дел од вкупниот процент“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Власта и албанската опозиција продолжуваат со негодувањата кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој вели дека дијаспората само се евидентира и не влегува во вкупниот број попишани граѓани. Тие кои мислат така, на координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми му создаваат впечаток дека воопшто не го прочитале законот и методологијата, кои, како што додава, се во согласност со стандардите на ОН и Евростат.

„Јавноста  не смее да потпадне под вакви дезинформации, вакви невистини дека дијаспората не се попишува. Напротив, попишувањето на дијаспората продолжува. Нема никаква дилема и не треба, барем според мене, да им даваме на важност на ваквите изјави кои воопшто не се базирани на закон, а ниту пак на методологијата, туку се базирани на дневна политичка мотивација и предизвикување забуна во јавноста“, истакна Арбр Адеми.

И пратеникот на албанската опозиција, Ељми Азири вели дека во законот е јасно прецизирано дека дијаспората се попишува. Како коалиција се убедени дека причината за одложување на пописот не е пандемијата.

„За жал излегуваат на површина сите наши дилеми дека и изјавите по таа средба, и на Мицкоски, и на Заев се во функција на можни интервенции и во Методологијата, и во законот. За жалење е што дел од овие тенденции е и Али Ахмети со ДУИ. Но, за нас како опозициска коалиција е неприфатливо било каква интервенција било во Методологијата, било во законот“, посочи Ељми Азири.

Веќе неколку дена по ред, по средбата лице в лице со премиерот Зоран Заев, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повторува ставот дека дијаспората треба само да се евидентира а не да влезе во вкупниот процент на попишани.

Против ставот на Мицкоски излезе и премиерот Заев, кој пред неколку дена рече дека и дијаспората е дел од овој народ, затоа треба да се попише. И директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски појасни дека законот за попис признава попис и самопопишување на резиденти и нерезиденти кои имаат државјанство на Северна Македонија и кои на крајот ќе го сочинуваат вкупниот број на попишани граѓани.