Продолжуваат вработувањата со лажен етнички идентитет во Куманово – осум Македонци се вработиле како Албанци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Продолжуваат вработувањата на Македонци кои се пријавуваат како Албанци. Последниот случај е со 8 вработувања во општина Куманово на лица за кои според името и презимето се гледа дека се Македонци, но на конкурсот се пријавиле како Албанци. На пример, првото вработување почнува со кандидатката Ангела Јовановска Николовска, која се изјаснила како Албанка и вработена како млад соработник за безбедност при цивилна заштита и спасување и менаџирање со кризни состојби. Листата продолжува исто, Драгана, Маргица, Никола, Ивана, Игор, Дејан и Роберт, сите пријавени како Албанци.

-Драгана Зафировски, Албанка
-Маргица Бошковска, Албанка
-Никола Бошковски, Албанец, вработен во Сектор за комунални работи, инфраструктура, сообраќај и заштита на животната средина.
-Ивана Богдановска, Албанка, вработена како соработник за култура,
-Игор Трајковски, Албанец, исто така вработен како соработник за култура
-Дејан Димитриевски, Албанец, вработен како сообраќаен инспектор
-Роберт Николовски, Албанец, вработен како самостоен референт за подготовка на административни работи во Одделението за меѓународна соработка и евроинтеграции.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, ова го правда дека не може да се меша како се претставени кандидатите, бидејќи како што се наведува, изјавата за етничкиот идентитет е лично право на барателот. Во него се објаснува дека целата постапка ја води Агенцијата за администрација преку мешовита комисија која ги рангира кандидатите со највисоки бодови и кои најдобро ги поминале фазите за вработување.

„Општината постапувала и ќе продолжи да постапува согласно позитивните законски прописи при вработување на нови кадри, нашиот приоритет е да имаме високопрофесионални кадри при тоа не делејќи ги по национална или етничка припадност, ниту пак навлегуваме во личниот избор на кандидатите за нивната национална, верска или било која друга припадност бидејќи тоа е лично и со устав гарантирано право.“, рече Димитриевски.

Во меѓувреме за вработувањата на 8 Македонци кои се декларирале како Албанци, реагираше и пратеничката група на ДУИ кои се опозиција во Советот.

-Не е воопшто за чудење бидејќи е продолжување на постапките и националистичките политики кон Албанците“.

Коалиционите партнери на Димитриевски, АА, кои се мнозинство во Советот во Куманово, велат:

-Овој проблем ќе се реши само со измена на законот за еднаква застапеност, за кој ние како субјект се заложивме и работиме за усвојување нов закон“, велат од Алијанса.

-Очигледна е злоупотребата на балансерот но овој конкурс не е изолиран случај, ова се случува насекаде во секоја институција бидејќи тоа го овозможува законот и деловниците. Несомнено дека треба итно да се смени овој закон но таа обврска ја има Владата и Собранието на РСМ. Незлоупотребата на балансерот побаравме во времето кога бевме во влада, но и сега-ни изјавија од Алтернатива.

Такви манипулации имало и во минатото. Имало случаи кога за прилагодување на конкурсот, македонските граѓани се декларирале како Турци, Роми, Босанци, Власи и Срби, но никогаш до сега не е најдено решение.