Продолжување на кризната состојба во криза – власта и опозицијата втор ден расправаат на собраниските комисии

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Втор ден власта и опозицијата ги судрија ставовите за продолжување на енергетската кризна состојба до 30 април идната година. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ  со критики и барање одговорност од власта зошто затаил системот и сме доведени во ваква состојба. Љупчо Пренџов од ГРОМ инаку дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Владата нема проекции колку ќе чини струјата претстојнава зима и што конкретно ќе се преземе за справување со кризата.

„Не ми е јасно како може ова да го аминуваме без ниедна бројка внатре, колку пари, претпоставки, сценарија, колку била струјата лани, преклани, колку е сега, како оди, што се случува, што да очекуваме. Јас мислам дека монарх во среден век имал повеќе одговорност спрема граѓаните, отколку Владата во 21 век во Македонија“, вели Љупчо Пренџов.

На обвинувањата одговори вицепремиерот Фатмир Битиќи кој истакна дека и граѓаните но и стопанството досега немаа ниту една минута недостаток на електрична енергија и нема најави за можни рестрикции.  

„И сте слушнале дали имаат една минута рестрикции сите овие 70 илјади компании? Не, за разлика од соседството. Што правиме со домаќинствата. 650 илјади домаќинства, која е цената на електричната енергија која што денеска ја плаќаат? Има воведено нова методологија за тарифирање на електрична енергија со нови цени во просек, во период на криза зголемена за само 7,5 посто“, вели Фатмир Битиќи.

Иако денеска беше закажана собраниска седница на која требаше да се изгласа продолжување на кризната состојба во енергетиката на територија на цела држава и за топлинско греење на град Скопје, сепак седницата е одложена за идната недела, бидејќи не го помина претресот на надлежните собраниски комисии. Претседателот на Собранието Талат Џафери предупреди дека последен рок за продолжување на кризната состојба е 28 септември.