Проект за продолжување на „Џон Кенеди“, ќе се уриваат куќи во ромското маало за излез до амбасадата на САД

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Улицата “Џон Кенеди“ во Чаир ќе се поврзува со Пластичарска. Планот е да излезе кај амбасадата на САД на Кале. Град Скопје започна постапка за подготовка на проект за нова улица која ќе минува низ ромското маало.
Проектот предвидува улицата да има 4 коловозни ленти, по две во секој правец. За реализација градските власти треба да урне и да изврши експропријација на неколку куќи.

„Против, против… тоа не може да се направи, ова е старо Топанско, тој не може да ја урне. Старото Топанско постои одамна, ние сме стари скопјани, нема да дозволиме тоа да се случи. Ќе почнеме со штрајк, Топанско не може да се урне. Не сме малку, многу сме, нема шанси тоа да се случи“, рече жител на Топанско поле.

„Не, не, ние сме во центар, добро ни е тука. Сега поради тоа што луѓето немаат, сиромашни се, немаат каде да земаат, не се вработени… јас тука сум многу години“, рече друг жител.

„Веќе со години велат дека треба да се урне, но не е направено. Со години и децении велат така. Еве погледнете го патот, децата немаат кај да поминат, одат на училиште, катастрофа, што да кажам. Овој дел никој не го гледа, за Топанско никој не се грижи“, реагираше еден од жителите.

Моментално улицата која поминува низ оваа маало е во многу лоша состојба. Тесна, без тротоари, многу дупки и отпад.
Од Град Скопје велат дека со овој проект ќе се овозможи побрзо движење на сообраќајот и пократко време за патување.

„Верувам до крајот на годината ќе имаме готов проект и ќе можеме да зборуваме за повеќе детали. Планот е годинава да завршиме со проекција и следната година да почнат активностите на терен, значи ќе бидат видливи и активностите на терен. Моментално имаме еден приклучок таму, но не знам дали таа улица може да се нарече улица бидејќи нема ниту тротоари, ниту простор за да поминат автомобилите. Многу е опасно и за пешаците и луѓето кои живеат таму“, истакна Валон Салиху, портпарол на Град Скопје.

Проектот предвидува работните активности да почнат кај што се вкрстуваат улиците Џон Кенеди и Македонска- Косовска бригада до булеварот Никола Карев. Жителите беа малку информирани за овој проект кој се очекува да почне со реализација следната година.