Претседателот на САД, Џозеф Бајден прогласи состојба на голема катастрофа во Тексас, што отвора можност за пренасочување на федералните фондови кон таа сојузна држава каде милиони луѓе, поради снежното невреме, немаат струја и вода, објави Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА).
Во петокот скоро половина од земјата немало вода, а струја нема веќе неколку дена, додека температурите се се уште во минус.
Повеќе од 20 лица загинале во студениот бран.
Ова е исто така прва голема криза со која се соочува претседателот на САД во првиот месец од неговиот мандат.
Белата куќа тесно соработува со гувернерот на републиканците во Тексас, Грег Абот, кој не ја призна веднаш победата на Бајден на изборите во ноември, а Бајан размислува и за посета на Тексас, пренесува Гласот на Америка (ВОА).
Бајден побара од соработниците да ја забрзаат постапката за прогласување вонредна состојба во Тексас, изјави портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки.
Претседателот на САД разговараше со Абот и му посочи дека федералните власти ќе работат со локалното население за да им помогнат на луѓето кои се без струја и вода.
Во исто време, републиканскиот сенатор од Тексас, Тед Круз, се соочува со бројни критики, бидејќи во моментот на најтешката криза, тој патувал со своето семејство на одмор во Мексико.
Тој се врати од Канкун во четвртокот и своето заминување го нарече „грешка“, според Гласот на Америка.
Демократите во Конгресот го обвинија Абот и другите републиканци дека се одговорни за катастрофата во Тексас затоа што не инвестирале во енергетскиот систем.
