Во болницата во Тетово министерот за здравство, Беким Сали, заедно со директорот, Амир Елези, промовираа опрема во вредност од 3,2 милиони евра. Оваа инвестиција се прави за да се скрати чекањето на пациентите од Тетово, кои чекаат термин со месеци.
„Конкретно за Клиничка болница Тетово се обезбедени овој вид на опрема: ангиограф, апарат за компјутерска томографија, мамограф со можност за биопсија, два рентген апарати, ехо дијагностика, како и два подвижни рентген апарати со дигитален детектор“, вели Беким Сали.
Новинарите побараа од министерот Сали клиничката болница во Тетово да биде по транспарентна за медиумите. Но Сали и Елези почнаа да држат новинарски лекции.
„Вие го снимате лифтот, дел од лифтот и барате информации, нема информации поради пристапот. Земете го тоа како позитивна критика“.
Новинар: Тоа значи дека не знаеме да се јавиме, да испратиме меил, не знаеме да се обратиме до институцијата?!
„Доколку се почитуваат протоколите ќе имате одговор?“
Амир Елези: Не може секој со една снимка или со камера во рацете да се шета по нашите одделенија.
Новинар: Тие не се било кој, тие се новинари!
И новинарството има свои норми и начин како функционира!
Ова не е првпат новинари да бидат спречени да известуваат во клиничката болница во Тетово. На ваквото однесување на Сали и Елези реагираше и ЗНМ.
