Амбасадата на Црна Гора во Северна Македонија и Националната туристичка организација на Црна Гора, во соработка со локалните туристички организации на Будва, Тиват и Бар, ја презентираа туристичката понуда на Црна Гора во Скопје.
За време на работниот ручек за претставниците на македонските надлежни институции за промоција и развој на туризмот, медиумите и претставниците на туристичките организации, претставена е црногорската туристичка понуда и актуелностите поврзани со Црна Гора како безбедна и одговорна туристичка дестинација за време на тековната сезона. Потврда дека Црна Гора е сигурна и безбедна дестинација е исто така меѓународната ознака за безбедно патување „ Safe Travels “ доделена на Црна Гора од Светскиот совет за туризам и патување (WTTC), што им овозможува на патниците да ги идентификуваат дестинациите и компаниите ширум светот кои ги прифатиле здравствените и хигиенски стандарди, како важен предуслов за безбедно патување.

Потсетувајќи на позитивните трендови кои Црна Гора, во духот на одлични пријателски односи, ги бележи кога станува збор за туристички промет од пазарот на Северна Македонија, за време на презентацијата беше објавено дека според официјалните податоци од 2019 година, постигната е двоцифрена стапка на раст кога станува збор за пазарот на Северна Македонија. Изразено е очекување дека овие позитивни трендови ќе продолжат и оваа година, имајќи ги предвид добрососедските односи, близината на пазарот, но и политиката на отворени граници за Северна Македонија.
Присутните информираа дека во црногорските хотели, приватното сместување и другите угостителски објекти, ќе бидат применети голем број здравствени протоколи, кои вклучуваат одредени хигиенски правила, како и мерки за здравствена безбедност што ја обезбедуваат потребната социјална дистанца, како што се распоред на столови во ресторани, ограничен број на луѓе на затворено и сл. За дополнителна безбедност и уживање на гостите на плажите, во Црна Гора е подготвен посебен пакет мерки за плажи, кои ќе овозможат одржување на соодветно растојание и примена на сите соодветни здравствени и други протоколи за да се спречи ширењето на Covid-19. Во врска со ова, особено беше нагласено дека за сите туристи кои ќе се разболат од инфекција со Covid-19 за време на нивниот престој во Црна Гора, Црна Гора ќе ги сноси трошоците за болничко лекување.
Организаторите ги поканија туристите од Северна Македонија да ја откријат подобрената туристичка понуда на Црна Гора оваа сезона со пристапни цени и поквалитетна услуга, презентирајќи детали за подготвените специјални поволности и промоции за гостите од регионот.
