Педесет и тројца нови офицери денеска ги добија своите чинови на свечената церемонија што се одржа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, каде беше истакната нивната идна улога во заштитата на државата и придонесот кон колективната безбедност во рамките на НАТО.
На свеченоста присуствуваше министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој порача дека Армијата останува една од најценетите институции во државата и дека современите безбедносни предизвици бараат силни, обучени и одговорни офицери.
„Членството во НАТО претставува повеќе од безбедносна гаранција – тоа е заедница на вредности, знаење и солидарност. Со денешната промоција вие станувате дел од генерацијата офицери кои ќе работат рамо до рамо со колегите од сојузничките земји, ќе учествуваат во заеднички обуки, вежби, операции и мисии и ќе придонесуваат за регионалната и глобалната безбедност“, истакна Мисајловски.
На церемонијата беа промовирани 36 питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, еден питомец кој се школувал на американската Воена академија „Вест Поинт“ и 16 слушатели од шестиот курс за офицери, кои се стекнаа со чиновите потпоручник и поручник.
Министерот нагласи дека во текот на школувањето питомците изградиле доверба, почит и пријателства кои ќе ги следат во нивната професионална кариера, а новите офицери ги повика да бидат пример за чесност, интегритет и одговорност.
Тој потенцираше дека силата на Армијата не се темели само на современото вооружување, туку пред сè на луѓето, нивната професионалност, лојалност и посветеност кон татковината. Потсетувајќи на историската улога на младите во Илинденското востание, Мисајловски порача дека и денешната генерација има важна мисија – да биде гарант на мирот, стабилноста и безбедноста на сите граѓани.
