Пропадна грејс периодот за Изборниот закон – Македонија изгуби 4,2 милиони евра од ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Измина рокот за донесување на Изборниот законик во Собранието кој беше дел од обврските на Реформската агенда, а со тоа Македонија изгуби и 4,2 милиони евра, пари од Европската унија. Партиите во изминатиот период не успеаја да постигнат консензус за ова прашање, а најмногу од се полемики предизвика дали е потребно воведување гласање на дијаспората. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ, Левица и ДУИИ се причината зошто не се донесе Изборниот законик.

-Стравот од поразот на изборите кој е повеќе од евидентен, направи овие три политички партии да се здружат и да го блокираат еден од најважните закони за по0литипчките партии. Иако како никогаш досега имаше простор за консензус и слух од Владата, тие одбраа опструкции. Иако како никогаш досега имаа партија на власт која им вели договорете се што сакате и токму топа ќе ви биде прифатено, тие тоа го одбија, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Изборниот законик бара широк политички консензус меѓу сите парламентарни субјекти во нашата држава, велат од ВЛЕН. Оттаму додаваат дека тие цело време биле подготвени за дијалог со опозицијата.

-Едно од барањата што ги поставивме се однесува и на вклучувањето на дијаспората во гласањето што ќе се одржи на следните избори. И мислам дека тоа е едно од барањата што ги имаме и на кое ќе инсистираме континуирано. На нашиот став му се приклучи и нашиот коалициски партнер, што значи дека сме многу заинтересирани да ѝ овозможиме на дијаспората да гласа во татковината на следните избори, вели Дритон Сулејмани од ВЛЕН.

Од СДСМ велат дека тоа што Македонија изгубила 4,2 милиони евра, не е ништо во споредба со она што го губат со блокираниот европски пат од страна на Владата.

-Не се губат 4 милиони евра поради Изборниот законик, милијарди евра се губат се губи стратешката цел, иднината се губи поради закочениот европски пат. Политиката на Мицкоски ја држи земјата во изолација и ги лишува граѓаните од милијарди евра европски пари. ВМРО-ОКГ намерно го туркаше Изборниот законик со спорни одредби за изборна кражба преку гласовите од дијаспората, за да создаде привид дека опозицијата го блокира европскиот пат, изјави Кети Штерјова од СДСМ.

Не пропаднаа 4 милиони евра, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ си обезбедија 10 милиони за политичка пропаганда коментираат од Левица.

-Со истекот на рокот за донесување на новиот Изборен законик, власта повторно ја убедува јавноста дека Македонија изгубила околу 4 милиони европски средства поради Левица. Но целосно се премолчува една многу поважна последица. Со тоа што останува во сила постојниот Изборен законик останува и системот на платено политичко рекламирање, преку кој најголемите политички партии ќе поделат околу 10 милиони евра јавни средства, велат од Левица.

Изборниот законик беше 10-тата обврска што Македонија требаше да ја донесе за исполнување на реформската агенда. Со недонесувањето пропаднаа 4,2 милиони евра пари од Планот за раст на Европската унија.