Додека Талат Џафери ја констатираше оставката на премиерот Зоран Заев, опозицијата аплаудираше. Џафери не можеше да ги смири.
„Констатирам дека врз основа на член 220 од Деловникот на Собранието на претседателот на Владата и на Владата им престанува мандатот. Очигледно она што не ви успеа тогаш со 61 глас сега аплаудирате за она што даде оставка“, истакна Талат Џафери.
Денешната седница требаше да биде посветена на пратенички прашања, но поради тоа што оставката претходно беше констатирана и со тоа целата Влада е во оставка таа не се одржа. На самата седница не присуствуваа ниту министрите ниту премиерот Заев. Опозицијата со остра реакција зошто не можат да им постават пратенички прашања, Владата е во оставка но функционира до изборот на нова Влада.
„За жал не можам да кажам и почитувани претставници од Владата затоа што, претставници од Владата денеска немаме тука. Во правото постои институт Влада во оставка. Моето процедурално е на делот кој што вие денеска планирате да го направите. Денеска имате закажано претседателе, имате закажано 4 седници на кој што треба да дојдат и да присуствуваат истите министри на кои што денеска на пратенички прашања тие од владејачкото мнозинство им забранивте да присуствуваат. Ова е скандал затоа што не може да присуствуваат на пратенички прашања“, вели Никола Мицевски.
Кога Владата е во оставка, таа функционира, но само технички им врати Џафери.
„Таа Влада на која што и престанува мандат по однос на оставка на премиер по член 93 од Уставот е должна да продолжи технички да врши работи до избор на нова влада. Никогаш не се случува на Влада во оставка која што дала оставка да и се поставуваат пратенички прашања“, посочи Талат Џафери.
Реагираа и од Алијанса за Албанците, велат дека оставката е задоцнета, како и тоа дека Заев избегал од пратенички прашања.
„Денеска си замина без да се соочи со оние кои го избраа на таа функција – пратениците, односно избраните од народот. Со овој чин Заев го потврди сето она што ние како опозиција го констатиравме за време на Владата што ја водеше и со ова се делегитимира Владата која се најавува со друго име за премиер но со претежно истиот кабинет“, вели Илире Даути.
На седницата воедно беше констатирана и оставката на пратеникот на Беса Фадиљ Зендели на функцијата потпретседател на Собранието. По заминувањето на Беса од власта, во преговорите на Заев со Гаши беше договорено потпретседателското место во законодавниот дом да му припадне на пратеникот на Алтернатива Хисни Исмаили.
