Просечната плата пораснала за 115 денари! И со годишен раст од скоро 10%, не се полни синдикалната кошница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во септември просечната нето плата во Македонија била 45.466 денари или 740 евра. Ова е за 115 денари повеќе од август или во проценти за 0,3. Но, ако се спореди со истиот месец лани, годишниот пораст е значителен и изнесува 9,3 отсто. Уште поголем е растот ако се споредат деветте месеци од 2025 со истите месеци во 2024, каде што растот е скоро 10 насто или попрецизно, 9,9.

Инаку, за да се наполни Синдикалната минимална кошница безмалку потребна е една и пол нето просечна плата.

„Потенцираме дека повторно е прескап животот за македонскиот граѓанин и работник и дека за овој месец 65.173 денари се минимум потребни за да се преживее месецот во едно четиричлено домаќинство или 80.000 денари доколку истото плаќа кирија или има кредит за стан“, вели Иван Пешевски, Сојуз на синдикати на Македонија.

Од Сојузот на синдикати на Македонија повторија дека просечната нето плата расте, а минималната не е променета од март годинава и затоа е време за нејзино зголемување на 600 евра или за скоро 200 повеќе од актуелнава.

„За сега, минимум 80.000 денари се потребни за да се преживее во месецот за едно семејство повторувам, и дека нема да отстапиме од барањето за 600 евра минимална плата, имајќи во предвид дека на нашето истражување, најголем дел од одговорите беа токму за 600 евра минимална нова плата“, вели Иван Пешевски, Сојуз на синдикати на Македонија.

Од Синдикатот се заканија и со протести и штрајкови во нивниот обид за поголема минимална плата. Наведуваат и дека основа за зголемување на минималецот е и добрата продуктивност на македонскиот работник кој создава далеку поголемо богатство за газдите отколку што с еплатени.

Инаку, во средата, во Собрание, пратеничката група на Европски фронт побара минималецот да биде 600 евра за работници со средно училиште, односно 800 евра за со високо. Ова е таканаречен црногорски модел.

Сепак, дел од економистите велат дека врзувањето на порастот на минималната со просечната плата, создава состојба на врзани садови, односно тие влијаат една на друга на нивното зголемување, при што се исфрлени од игра економските параметри. Затоа, треба да се раздвојат зависноста меѓу нив и минималната да се врзе со чисто економски параметри како инфлација, продуктивност или пораст на брто домашен производ, сметаат економистите.