Олабавувањето на мерките, доаѓањето на печалбарите, непочитувањето на мерките на свадбите и други прослави се причина за зголемување на бројот на заразени со Ковид 19, сметаат здравствените власти во земјава. За да немаме преоптовареност на болниците, инфектологот Фадиљ Цана вели дека министерот Венко Филипче треба да спречи влошување на ситуацијата.
„Претходно треба да ја спречиме ваквата ситуација. Затоа, мислам дека првиот човек на Здравство со својот менаџерски тим треба посериозно да и пристапат на оваа работа да се спречи да дојдеме во ситуација да се преоптовари здравствениот систем и да немаме слободни места по болниците“, истакна Фадиљ Цана.
Директорот на ИЈЗ, Шабан Мехмети смета дека нема потреба од нови рестриктивни мерки но дека граѓаните треба само да ги почитуваат препораките дадени од здравствените власти.
„Имаме зголемен број групирања на граѓаните на одредени места за свадби, разни манифестации, но ова е резултат на непочитување на основните норми за заштита од Ковид 19. Исто така имаме зголемена раздвиженост во угостителските објекти и ресторани, но ова е и резултат на доаѓањето голем број жители надвор од земјава и доаѓаат во посета на нивни роднини“, посочи Шабан Мехмети.
Мехмети вели дека вакцинацијата е единствено решение за да се победи корона вирусот. Истото постојано го тврди и министерот за здравство, Венко Филипче додавајќи меѓу другото дека граѓаните треба да се вакцинираат бидејќи не може постојано да живееме со рестриктивни мерки. Додека инфектологот Цана вели дека здравствените власти вакцинацијата ја користат како предизборен маркетинг.
„Не ги вакцинираат оние категории на кои им е навистина потребно. Овде спаѓа категоријата граѓани кои не го прележале вирусот. Тие треба да имаат приоритет во процесот на вакцинација. Ова што се случува кај нас повеќе личи на предизборен маркетинг отколку реалност за тоа како треба да се менаџира процесот на вакцинација“, вели Фадиљ Цана.
Само денеска се регистрирани 21 нов случај, а во земјава има вкупно 265 активни случаи. Во споредба со ситуацијата од пред 10 дена кога бројот на активни случаи изнесуваше 100. Скопје и Тетово и натаму се градови со најголем број активни случаи.
