Земјоделците од Струмичко повторно излегоа на протест, револтирани бидејќи откупувачите и конзервните фабрики ја започнаа сезоната со цена од 25 денари за килограм ајварка. Според нив, оваа сума е за 20% пониска од минатата година и е мизерна. Таа воопшто не ги покрива високите производствени трошоци, дополнително отежнати од пролетните поплави, силните ветрови и летните невремиња кои ги уништија пластениците.
Еден од земјоделците пред новинарите посочи дека цените на репроматеријалите се превисоки, а природните непогоди му уништиле над 30 пластеници со пиперки, истакнувајќи дека цените на горивата се неодржливи.
Од здружението „Млади Муртино“ пак, бараат фиксни цени за цела сезона, односно 50 денари за прва класа и 40 денари за втора класа, со став дека ајварката не смее да падне под 45 денари.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска беше во Струмица, каде оствари одделни средби со претставници на регистрираните откупувачи – трговци и со производителите на пиперка од Струмичко за да ги сослуша нивните забелешки и барања.
„Во разговорот со откупувачите беа отворени прашањата за тековната динамика на откупот, цените според класата и намената на производот, количините што можат да бидат преземени, извозните можности и навремената исплата кон производителите на пиперка“, соопштија од Министерството.
На средбата министерот Серафимовски потсетил на обврската условите за откуп да бидат однапред познати, цените јавно истакнати, а класификацијата прецизна и доследна.
„Цената ја определуваат пазарните услови, но начинот на кој се одвива откупот мора да биде законски, транспарентен и предвидлив. Улогата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да ги сослуша аргументите на сите страни, да обезбеди почитување на правилата и да придонесе за откуп на пиперката што ќе го вреднува трудот на земјоделците и ќе овозможи непречен пласман“, истакна министерот Серафимовски, додавајќи дека секој земјоделец, независно дали настапува индивидуално или преку здружение, има право неговите аргументи да бидат разгледани сериозно и одговорно.
