Оставка од Данела Арсовска побараа жителите на Шуто Оризари, кои поради неплатен долг кон приватните превозници, веќе две години се мачат со 19-ката, кој е единствен автобус што вози до населбата.
„Дали ова личи ова да вадиме по 1400 карта, а да плаќаме такси да одиме на работа? Ова е веќе две години, не е една година. Па многу е… како не и е срам? Рекоа ќе имало бесплатен превоз. Каде е тоа? Пишува таму за две минути, а три саата нема автобус“, велат жители на Шуто Оризари.
На протестот пред Град Скопје им се придружија и студентите и средношколците кои се незадоволни од услугата на ЈСП.
„Ако сакаш да одиш некаде, треба да се молиш да ти доојде автобусот. Ако е дојден ќе е пренатрупан затоа што луѓе го чекале два часа… не е ни безбедно да се вози човек во таков автобус“, вели студентка.
„Јас сум студент на Електро… патувам од Ново Лисиче и за овие години многу е паднат квалитетот на автобусите“, вели студент.
Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш повика итно да се плати долгот кон приватните превозници. Тој вели дека воопшто нема лична комуникација со Арсовска, зашто таа била за него недостапна. Дудуш оцени дека се изгубила реалноста од премногу седење во канцеларија.
„Расистички и дискриминаторски и нехумно и неодговорно е да оставите 40 илјади граѓани две години без превоз“, изјави градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.
„Поради лични интереси, партиски или политички препукувања студентите и средношколците не смеат да трпат товар“, вели Александар Николовски, универзитетско собрание на УКИМ.
Вчера беше надминат проблемот со автобусите на ЈСП кои исчезнаа од улиците поради недостиг на нафта. Советот на Градот усвои заклучок да продолжи соработката со Владата и во иднина за целосно да се нормализира состојбата со градскиот превоз.