Граѓаните кои работеле во Авганистан и Ирак заедно со студентите кои преку програмата „Work and Travel“ работеле во странство, на протест пред Управата за јавни приходи поради известувањата што ги добиле дека треба да платат данок за парите кои ги заработиле надвор од државата. Револтирани се дека различни даночни службеници различно ги информираат и прашуваат зошто никој не ги известил до сега.
-Германија ни го враќа за да не поддржи нас како млади луѓе, за да не мотивира да бидеме некој добар фактор во општеството и да направиме нешто позитивно со нашето образование, нашата младост и овде за тоа не казнуваат, за таа работа во странство. А за тие три месеци ние од тука не добиваме никакво социјално осигурување, никаква заштита, никаква здравствена заштита, никакво пензиско осигурување, вели студент.
Граѓаните кои работеле Авганистан и Ирак прашуваат што се чекало пет години. Тврдат данокот е платен во странство и се против двојно оданочување.
-Не може институција да хибернира пет години и после пет години, таа институција да се разбуди и да каже еј вие имате данок во 2020 година, вели граѓанин на протестот.
-За мене има платено таа фирма 12.800 евра за три години данок, значи 4.000 евра годишно. Тие не го признаваат. Знаеш што ни рече директорката? Ова е фалсификат. Ова јас можам да ви го направам, вели друг граѓанин на протестот.
Директорка на УЈП, Елена Петрова вели данокот за заработките од странство не е нов и дека мора да го наплатат. Кажа дека за 2025 година идентификувале 134 студенти кои работеле во Германија, 19 поднеле пријава, 10 платиле данок. За лицата кои биле на мисии во Авганистан и Ирак, се бара доказ дека данокот е платен во друга држава. За 257 лица побарана е проверка преку МНР, до сега имало одговор само за едно лице.
-Свесни сме дека дел од граѓаните се соочуваат со овие, вакви административни и финансиски обврски, за кои во минатото не биле информирани и не им биле планирани. Но, тоа не ја менува законската обврска. Затоа пристапуваме со разбирање и со јасна одговорност да го примениме законот, изјави Елена Петрова, директорка на УЈП.
Според податоците на УЈП, пресвртот доаѓа од 2024 година, кога започнала системска обработка на податоците од банките. За 2020 година биле испратени 11.527 известувања. Вкупно утврдениот данок е околу 2,8 милиони евра, од кои досега се наплатени околу 494.000 евра.
Податоците за 2025 година, пак покажуваат дека 70.869 граѓани имале приливи од странство во вкупен износ од 577 милиони евра. Од УЈП велат сите не подлежат на оданочување. Досега испратиле 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле пријави.
