Протест пред Владата – ивент индустријата бара грантови, а не конкурси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Маријан ваквата апаратура за озвучување ја користи на разни настани, но денеска ја искористи за да го крене гласот пред Влада.

Тие кои се бават со осветлување, сцена, организирање митинзи, концерти и спортски настани, велат дека нивната индустрија е загрозена од пандемијата, затоа бараат помош.

Нивната претставничка, Маја Бабиќ, со оглед на алармантната бројка од пандемијата, свесна е дека не можат да почнат со работа, затоа побара грантови од Владата а не конкурс за организирање на државни настани, но Владата нема слух, смета таа.

Бабиќ тврди дека за наоѓање на решение комуницирале и со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, но не постигнале компромис. За ТВ21 од кабинетот на вицепремиерот велат дека во петтиот пакет економски мерки создале пакет за директна поддршка на индустријата за настани како  додатна мерка.

„Обезбедивме еден милион евра неповратни финансиски средства за организација на најмалку 40-тина настани, за чија реализација очекуваме да бидат ангажирани повеќе од 100 компании како организатори и подизведувачи и изнајмувачи на техника, но и ангажман на изведувачи, уметници, музичари, артисти, културни работници, фотографи, сниматели, продуценти, техничари и други професии кои вообичаено се ангажираат во и околу евент индустријата“, истакна Фатмир Битиќи.

Јавниот повик ќе се отвори во текот на мај, велат од Влада, по што ќе се обезбедат грантови за тие кои ќе се пријават и ги исполнуваат условите, а од јуни до крајот на септември Владата очекува реализација на десетина настани на тема „30 години независност“. Објаснуваат дека ќе има официјални настани од посебен буџет, а мерките за индустријата на настани е посебно за нив за да работат и да имаат економска дејност.