На истото место каде се случи инцидентот пред два дена, денеска марш против полициската бруталност. Стотици Битолчани, излегоа да го искажат својот револт од, како што велат, полициската бруталност кон нивните двајца сограѓани. Скандирањата се добро познати.
„Нема правда, нема мир. Нема правда, нема мир“.
На протестот дојдоа и двајцата Битолчани, кои беа истепани од полицајците. Трагите од повредите се видливи и два дена подоцна.
Како знак на помирување, на полицајците кои го обезбедуваа протестот им беа подарени цвеќиња.
„Овие млади деца, кои се наша иднина, треба да ги гледаат полицајците, како заштита, а не како свои непријатели. Овој гест го испраќаме во знак на помирување и сакаме да не се случуваат повеќе вакви немили настани. Сакаме подобра иднина за сите“, посочи еден од демонстрантите.
„Немојте да ја етикетираме целата полиција за некои т.н шерифи во градот, двајца или тројца полицајци во градот, а да ја грдиме или плукаме целата полиција и целото МВР“, додаде еден од демонстрантите.
Протестниот марш од местото на инцидентот заврши пред полициската станица во Битола. Иако полицајците се казнети и суспендирани, сепак организаторите на протестот велат дека излегле на улица со цел да испратат порака ваквите случаи да не се повторуваат.
„Нашето незадоволство е овде, на местото на злочинот каде што беа претепани крвнички нашите Роми. Ова е знак повеќе да не се повтори, да немаме повеќе говор на омраза, бидејќи гледаме, прес се на социјалните мрежи, веќе не наликуваме на луѓе“, посочи Самедин Канановски.
Се пожалија дека во Битола, Ромите одамна чувствуваат дискриминација по разни основи. За дел од покренале судски случаи, кои подоцна биле решени во нивна корист.
„Ни се забранува влегување во базени, ни се забрануваат издавање на ресторани за семејни веселби, ни се забранува влегување во кафулиња и други угостителски објекти“, вели Рамадан Рустемов.
Полицајците кои се гледаат на снимката, се суспендирани, а против едниот е поднесена и кривична пријава. На инцидентот му претходела сообраќајка, но зошто на овој начин реагирале полицајците се уште не е познато.
На социјалните мрежи се споделува и повик за контрапротест. За поддршка на полицајците ќе се маршира в среда, почнувајќи од Широк сокак, по што протестирачите ќе се упатат кон СВР Битола и Јавноот обвинителство. На овој протест ќе се бара повлекување на кривичните пријави и дисциплинските постапки против полициските службеници.
