Протестите завршија, кампот продолжува – Од Собранието демонстрантите се селат во Жена парк

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Протестите завршија, но кампот на граѓаните овде пред македонското собрание и понатаму останува. Од денеска на нова локација во Жена парк. Само десеттина граѓани остануваат до крај против францускиот предлог со кого се отвора евроинтеграцискиот процес на Македонија во Европската Унија, вели репортерот на ТВ21, Мартин Николовски.

Тие го обвинија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека ги прекинал протестите за да оди на одмор. 

Протести нема да има, откажани се, отидоа на одмор од ДПМНЕ, Мицкоски прв се спакува ќе оди на одмор да одмори, па сега румункава од Хрватска кога ќе дојде ќе ги подбере малце после одмори сите, да видиме кој што дрпал европски пари“, рече еден од граѓаните.

Друг кампер вели дека кампуваат пред Собрание затоа што таму се наоѓаат луѓето кои останале дa ја бранат демократијата на прав начин и обвини дека голем дел од граѓаните доаѓале по директива на политичките партии а не затоа што ја сакаат државата. 

„Нажалост, ние испаднавме штаберска нација. Значи, по штабовите што ќе им кажат по политичките штабови какви директиви ќе им дадат така луѓево доаѓаат. Испаѓа дека Македонците повеќе ги сакаат политичките партии него што ја сакаат Македонија. И за волја на вистината ние сите што сме тука не сме политички обоени, ние сме патриоти поединци, по ничија директива не сме тука, тука сме за каузата, тука сме за Македонија“, вели друг граѓанин.

Францускиот предлог за укинување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори, зад кои застана целата ЕУ, во Македонија наиде на отпор од македонската опозиција, дел од граѓаните, академската јавност и невладините организации. Во Скопје од 2 јули, граѓаните скоро секојдневно протестираа, а во овие протести беа повредени 54 полициски службеници од кои 11 потешко а двајца се со сериозни повреди. Од МВР информираа дека во протестите се приведени повеќе од 40 лица.

Мартин Николовски