Протестна нота за бугарскиот амбасадор – Радев: Средбата ќе беше по сите протоколи, ако беше официјална

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Протестна нота му врачува Министерството за надворешни работи на бугарскиот амбасадор во земјава, Жељазко Радуков, поради отсуството на државното знаме на Македонија на средбата Сиљановска Давкова – Радев. Според премиерот Христијан Мицкоски, нашата делегација не реагирала во моментот поради загинувањето на двајца бугарски воени пилоти непосредно пред средбата.

„Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери „Бугарите во Устав“, тоа е најмалиот проблем. Таму е малку поголема, односно многу поголема, потребата да покажат мускули.“, порача Христијан Мицкоски.

Според бугарскиот претседател Радев, средбата би се спровела по сите протоколи доколку таа била официјална и оцени дека во моментов реакциите се концентрирани на формата, а не на содржината на разговорите.

„Имавме еден отворен и конструктивен разговор во пријателска атмосфера, независно што средбата имаше целосно неформален карактер. Очекувам, овој најавен стремеж за отвореност и конструктивност да биде прифатен и од Владата, но нека е јасно дека ова не беше ниту државна ниту работна посета.“, вели Румен Радев.

Од СДСМ пак, го оценија образложението на премиерот како срамно.

„Па фотографиите само со бугарски знамиња тогаш зошто самите си ги објавија? Или и сликите ги објавија и се фалеа заради загинати пилоти? Срамно е ова однесување на Мицкоски, го правда скандалот во Бугарија со срамни изјави потценувајќи ја интелигенцијата на граѓаните“, вели Богданка Кузеска

Извори од МНР велат дека протоколите на двата Кабинета се договориле да нема фотографии во просториите кои не се работни, а македонското знаме било истакнато на работниот ручек. Според МНР, бугарската страна отстапила од договорениот протокол, а на прашањето зошто Кабинетот на Сиљановска Давкова на социјалните мрежи ја објавила фотографија, порачаа одговорот да го бараме во Вила Водно.