Протестот за „Монструм“ без анти-ковид мерки – „Мерките не се почитуваат во Собранието, а не на протест“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Без физичка дистанца, некои со, некои без маска. Вака изгледаше вчерашниот протест кој беше организиран за случајот „Монструм“.  Дел од протестот беа и пратеници од коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива. Имајќи предвид дека анти-ковид мерките сѐ уште се на сила, ТВ21 ги праша пратениците од коалицијата – дали биле испочитувани мерките против Ковид-19? Елми Азири, вели дека мерките биле запазени толку колку што биле запазени и на останатите протести.

„Колку што можевме да видиме, граѓаните беа со маски! Почитувањето на мерките беше исто како на останатите протести кои се организирани во време на пандемија во РСМ!“, истакна Елми Азири.

Халил Снопче од Алијанса, вели дека прашањето со вирусот во нашата земја се банализира. Имаме протоколи колку сакаш, а ништо не се спроведува како законите во оваа држава, додава тој.

„Анти-ковид мерки не се почитуваат во Парламентот, а камоли на граѓански протест. Во Парламентот имаме состаноци на комисии каде во мал простор присуствуваат 30-40 пратеници. Кога опозицијата предупредува дека нема услови, мнозинството го игнорира тоа. Анти-ковид мерки не се почитуваат пред шалтерите, пред банките, а да не зборуваме за кафулињата и рестораните кои се преполни и без никакви мерки. На иста линија беше и протестот со ист размер како редиците пред шалтерите и гужвата што се создава пред кафулињата“, посочи Халил Снопче.

Скендер Реџепи вели дека на протестот учествувал во улога на граѓанин, а не како пратеник.

„Јас на протестот бев во улога на граѓанин заедно со моите пријатели и роднини, а не како пратеник или организатор. За време на целиот протест бевме на крајот и ги почитувавме мерките против Ковид. Јас и моите пријатели истапивме напред за да ја смириме тензијата“, вели Скендер Реџепи.

Од МВР велат дека на протестот била оштетена вратата на МНР, 4 возила на МВР, а причинета била и друга штета. Додаваат дека откако ќе ги добијат видео-снимките од надзорните камери ќе бидат санкционирани сите кои учествувале во нарушување на јавниот ред и мир. Од почетокот на пандемијата, во нашата земја се организирани разни протести од страна на граѓани, политички партии, а се одржаа и разни верски собири.