Во март се очекува да биде отворен и заеднички пункт за противпожарна единица меѓу општините Боговиње и Врапчиште. Според градоначалникот на Боговиње, за оваа единица да биде функционална, мора да има измени на законот во Министерството за одбрана, бидејќи постојниот закон дозволува само општините со над 50 илјади жители да имаат противпожарни единици, бројка што двете општини заедно не ја достигнуваат.
„Оваа единица ќе почне да функционира од трети месец и засега пожарникарите кои се обучени ќе земаат плата од општината, општина Врапчиште и општина Боговиње. Владата треба да направи измени на законите, а за една општина да има противпожарна треба да има 50.000 жители, а потоа да добиеме блок донации од Министерството за одбрана. Единицата засега ќе функционира и ќе и помага на тетовската противпожарна единица до набавка на потребната опрема“, вели Бесник Емшиу.
Командирот на територијалната противпожарна единица во Тетово, Авни Ахмети, вели дека се прават напори да се отворат две дисперзирани единици, една за општините Боговиње и Брвеница и една за Теарце, Јегуновце, додека напорите на општина Боговиње велат дека се залудни без промена на законите.
„Една точка е во село Желино или во општина Желино и ние правиме напори да направиме два пункта кои ги опфаќаат општина Боговиње и општина Брвеница; а општините Теарце и Јегуновце да бидат дисперзирани што поблиску до граѓаните. Впрочем, законите на Република Македонија се познати, законите за територијални противпожарни единици во овие општини и знам колку напори направија општина Боговиње и општина Врапчиште, но законите не дозволуваат такво нешто“, вели Авни Ахмети.
Според Емшиу, општина Боговиње ќе ангажира пет пожарникари, додека Врапчиште четворица. Тие ќе бидат лоцирани во објект во селото Градец во Врапчиште, последното село што ги поврзува овие две општини. Северна Македонија има вкупно 38 противпожарни единици.
