Прв на гласачкото ливче Стево Пендаровски – со ждрепка утврден редоследот на кандидатите на претседателските избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утврден е редоследот на гласачкото ливче на кандидатите на претседателските избори преку ждрепка која се одржа во Државната изборна комисија. Со јавно извлекување претставниците на партиите кои застанаа зад кандидатурата ги влечеа ковертите со редниот број под кој ќе биде заведен нивниот кандидат на изборното ливче. За тоа како ќе изгледа ливчето за претседателските избори, соопшти претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

„Под број 1 Стево Пендаровски, број 2 Гордана Силјановска Давкова, број 3 Стевче Јакимовски, број 4 Бујар Османи, број 5 Билјана Ванковска Цветковска, број 6 Арбен Таравари и број 7 Максим Димитриевски“, вели Александар Даштевски.

Даштевски воедно информираше и дека подготовките за претседателските избори течат во ред и дека сите обврски се спроведени во законски рокови. Воедно покрај за претседателските започнуваат подготовките и за парламентарните избори.

„Во тек се и некои дејствија се изедначени а некои не се. На пример избирачкиот список се уште не е затворен за парламентарните и може граѓаните да вршат увид. Еве ждрепка ќе има и за таму, кога ќе се утврдат листите мислам дека доаѓа на втори април до 24 часот за поднесување а после тоа имаме 48 часа да ги потврдиме. Значи паралелно течат дејствијата и за парламентарни избори, само што некои рокови се исти а некои не“, вели Александар Даштевски.

Инаку за претседателските избори ќе гласа и дијаспората, за што најголем број пријавени за гласање има во Германија, а пријавени има и во останатите западноевропски земји, потоа во САД, Канада и Австралија. Дијаспората нема да може да гласа за парламентарните избори, бидејќи не е постигната законската норма на пријавени односно треба да има пријавено најмалку 5355 лица колку што гласови добил пратеникот со најмал број гласови на последните избори.