Прва фаза од реорганизација на министерствата, опозицијата против

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во излагањето за овој закон со кој се реорганизираат министерствата, Мицкоски побара поддршка од сите пратеници. Образложи дека ова ќе значи реформско менување на целата Влада и нормално функционирање на владиниот состав. Тој ги посочи сите измени на министерствата, дел ќе бидат реорганизирани, дел нови, а голем дел од агенциите ќе се укинат бидејќи ќе преминат во министерствата.

-Реорганизација во која што дел од министерствата ќе бидат нови, а агенциите практично кои што досега постоеја ќе бидат укинати, дел од министерствата ќе бидат прегрупирани, односно ќе бидат пренесени дел од надлежностите од едно во друго министерство, се со цел да бидат спроведени реформите кои што ги има за цел новата Влада, но истовремено да одговориме и на потребите на граѓаните, вели Христијан Мицкоски, мандатар.

Опозицијата гласаше против овој закон и поднесе предлог тој да се повлече од седницата, но нивниот предлог не беше усвоен. Оливер Спасовски од СДСМ рече дека не може ваков системски закон да се носи по скратена постапка.

-Сметаме дека системски закон да се носи по скратена постапка не е дозволено, посебно закон кој што уредува зголемување на бројот на министерства, агенции и така натаму и мислам дека нема ниту проценка на влијанието на регулативата од тоа што е кажано. Јас не навлегувам во аргументите, предлогот, легитимноста и така натаму меѓутоа апсолутно овде станува збор за еден сложен и обемен закон, вели Оливер Спасовски од СДСМ.

Блерим Беџети од Европскиот фронт со забелешка дека мнозинството нема легитимитет да предлага системски закон.

-Се подразбира дека овој закон нема да се донесе еднострано бидејќи од организација на државната управа ќе има и добри работи и недостатоци за сите етникуми без разлика од кој етникум се. Затоа мислам дека со еден процес на дијалог, бидејќи овие органи се во служба на граѓаните мислам дека кога станува збор за легитимноста сите треба да бидеме внимателни, вели Блерим Беџети од Европски фронт.

Реакции имаше и од Левица од каде рекоа дека тие ќе го поддржат законот доколку се изгласа една изборна единица.

-Нашата поддршка за оваа реорганизација ќе се поврзе со тоа дека ние бараме за ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството денеска да ја добие нашата поддршка и нашите 6 гласови, итно и веднаш да се донесат измени со кои би се вовела една изборна единица, изјави Амар Мециновиќ од Левица.

Предлогот за реорганизација ќе значи дека Министерството за труд и социјална политика се реформира во Министерство за социјална политика, демографија и млади, што значи дека Агенцијата за млади и спорт ќе биде укината, а ќе се формира ново Министерство за спорт. Ресорот труд ќе оди во министерството за економија, ново министерство ќе има за енергетиката, рударството и минералните суровини, а секторот туризам влегува во Министерството за култура. Ќе се воведе и ново министерство за дигитална трансформација, а за администрација ќе биде посебно министерство.