Прва глоба за фрлање мачиња: Сторителот казнет со 550 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја изрече првата глоба за напуштање, односно фрлање, легло со мали мачиња. Сторителот е казнет со 550 евра во денарска противвредност, откако случајот бил пријавен од совесен граѓанин.

Од АХВ информираат дека пријавата до ЈП „Лајка“ била поткрепена со видео и фотоснимки на кои се гледа напуштањето на мачињата во парк во близина на трговски центар во Скопје.

По добиените податоци од Министерството за внатрешни работи за идентитетот на лицето и регистарските таблички на возилото со кое биле превезувани мачињата, официјален ветеринар на АХВ вчера извршил вонредна инспекциска контрола.

На сторителот му е изречена глоба за прекршок согласно член 26 од Законот за заштита и благосостојба на животните и член 59 од Законот за ветеринарно-медицинско здравство.

Одлуката на АХВ предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, особено во групите посветени на заштита и грижа за домашните миленици. Граѓаните ја поздравуваат постапката и ја оценуваат глобата како важен чекор во спречувањето на напуштањето животни.

„Огромна благодарност до Агенцијата за храна и ветеринарство во името на сите нас кои се бориме за правата на животните. Направивте огромна промена со овој случај, кој се надевам дека ќе служи како пример“, стои во еден од коментарите.

Граѓаните истовремено апелираат секој што ќе забележи напуштање или малтретирање животни да го пријави случајот, особено доколку поседува фотографии, видео или друг доказ.

Напуштањето животни може да се пријави на бесплатната телефонска линија на АХВ 0800 3 2222, која е достапна 24 часа дневно, седум дена во неделата, како и на електронската адреса info@fva.gov.mk.