Прва папска посета по 15 години: Лав XIV ја повика Шпанија да престане да ги поттикнува поделбите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Папата Лав XIV во саботата ги повика Шпанците да престанат „да ги разгоруваат пламените на поларизацијата“, пристигнувајќи во Шпанија во период на политички превирања за владата предводена од социјалистите, како и криза на доверба во Католичката црква.

Американскиот папа, кој има шпански предци, десетици пати ја посетувал Шпанија како свештеник, но ова е прва папска посета на земјата по 15 години. Посетата сигнализира дека Лав сака повторно да го насочи вниманието на папството кон христијанските корени на Европа, откако неговиот претходник, Папата Франциск, во голема мера ги избегнуваше традиционалните центри на христијанството и претпочиташе да посетува помали католички заедници во подалечни делови од светот.

Се чини дека Лав е решен да ја пренесе својата порака за мир, единство и човечко достоинство на континент кој е длабоко поделен околу миграцијата, руската војна во Украина и загриженоста поврзана со вештачката интелигенција, известува Асошиејтед прес.

Папата ја започна својата еднонеделна посета во Мадрид, каде на аеродромот беше пречекан од шпанските католички монарси, Кралот Филип VI и Кралицата Летициа, како и од шпанскиот премиер Предро Санчез.

За време на патувањето тој им изјави на новинарите дека особено го охрабруваат извештаите за духовно будење меѓу младите луѓе во земја која некогаш беше силно католичка, а денес е значително секуларизирана.

Во својот поздравен говор, Лав апелираше до Шпанците, особено до политичките лидери, да ги остават настрана политичките препукувања и да инвестираат во образованието на младите, со цел тие да научат да ја ценат различноста и сложеноста на современото општество, наместо да ги отфрлаат.