Собранието ја задолжи Владата во наредните 30 дена односно до средината на декември да изготви Акциски план за правичната застапеност на етничките заедници во администрацијата. Ова е заклучокот од првата седница на Комисијата за следење на соодветна и правична застапеност. Претседателот на оваа Комисија Талат Џафери рече дека врз основа на информациите од Владата два пати годишно ќе изготвува извештај за состојбата во институциите а првиот извештај ќе го изготват во јануари идната година..
„Комисјата да достави до Владата на РСМ барање за доставување на Акциски план за правична и соодветна застапеност на граѓаните од сите заедници во органите на државните власти. Нормално, заедно одлучивме и за рокот во кој треба да се достави планот. Мислиме дека до половината на декември има доволно време, од денеска до половината на демекври, 30 дневен рок за Владата, мислам дека е соодветен рок за да се подготват сите податоци“, вели Талат Џафери.
Сепак во тек на подготовка е законот за правична застапеност што треба да го замени Балансерот. Членот на Комисијата Халил Снопче вели дека Комисијата нема да биде во никаква колизија со законот, бидејќи Комисијата има надзорна улога.
„Тоа беше договор меѓу политички партии во парламентот да се формира ваква Комисија за да има надзор над правичната застапеност. Значи нема егзекутивна моќ оваа Комисија. Фактички доставено е барањето до Владата до 15 декември да даде првиот извештај, им се даде на Владата рок од 30 дена што Комисијата смета дека е доволен рок, пристоен временски период за да се изготви таков извештај“, вели Халил Снопче.
Во одлуката за основањето на Комисијата стои дека таа може да дава препораки, мислења какок и заклучоци кои треба да се применат од органите на државата власт и другите јавни институции на сите нивоа во однос на состојбата со соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.