Еден 81-годишен маж загина, а 29 лица беа повредени во земјотрес со интензитет од 6,1 степен според Рихтеровата скала што синоќа го погоди округот Синдирги во Баликешир во западна Турција. По тој земјотрес, во текот на ноќта во Турција беа регистрирани околу стотина послаби земјотреси со интензитет од два до 4,5 степени.
Утрово е регистриран земјотрес на 25 километри од центарот на Анкара во округот Етимесгут, а имал магнитуда од 3,2 степени, објавија турските медиуми.
Земјотресот со јачина од 6,1 степени што го погоди Баликешир во неделата беше почувствуван и во Истанбул, Бурса, Баликешир, Коџаели и околните провинции, објави турскиот весник „Хуриет“.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, кој го посети погодениот регион, изјави дека во земјотресот се повредени вкупно 29 лица, но дека никој не претрпел сериозни повреди.
„Има урнати објекти во 16 села, 12 куќи се веќе напуштени“, рече Јерликаја.
Турскиот министер за здравство, Кемал Мемишоглу, изјави дека вкупно 52 лица се примени во турските болници во врска со земјотресот, а 29 се на лекување.
