Првиот човек на НАТО Марк Руте во Македонија: „НАТО не е вклучен во случувањата во Иран, но ќе ја брани секоја земја членка“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија е важен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на источната страна на алијансата, истакна во своето обраќање генералниот секретар на Алијансата Марк Руте, кој е во официјална посета на земјава. По разговорите со претседателката Силјановска во вилата Водно говореше и за војната на Блискиот Исток рече дека НАТО не е инволвиран во случувањата, но доколку има потреба ќе ја брани секоја земја членка.

„Знаеме дека Иран е експортер на хаос и е одговорен со децении за терористички напади, обиди за атентат, можам да ви кажам од моето лично искуство и од мојата земја каде што има дијаспора од Иран кои се под опасност од иранскиот режим. НАТО не е вклучен, можам да ве уверам дека НАТО ќе го одбрани секој дел од територијата на НАТО. Нашите воени командири секојдневно работат на ова и имаат пристап од 360 степени земајќи ја предвид секоја закана на тероризам.“, рече Руте.

Самото присуство на генералниот секретар на НАТО Марк Руте на земјава во време кога се случува војна на Блискиот Исток покажува дека НАТО е со нас, истакна претседателката Силјановска. Сепак таа рече дека не може да каже што ќе се случи доколку НАТО се вмеша во воените дејства и дали Македонија би го поддржала тоа.

„Во моментов господинот Руте е кај нас и неговото присуство овде е јасен знак дека НАТО е со нас и во неговото излагање беше потврдено дека НАТО ќе ги брани сите членки на НАТО доколку се најдат во положба да бидат нападнати. Тоа е првото, второто јас не би можела да ви одговорам што ќе се случи ако НАТО интервенира во регионот каде што сега се водат војните бидејќи знаеме дека НАТО ја штити територијата на своите членки“, изјави Сиљановска-Давкова.

Силјановска воедно истакна и дека најголема гаранција за мирот и безбедноста не само на нашата земја туку и на Западен Балкан е неговата итна и целосна интеграција во Европската унија, порачувајќи дека треба да се надминат вештачките пречки и фокус да се стави на Копенхашките критериуми.