Првиот лет „тестиран на ковид“ пристигна во Рим денеска од Њујорк, како дел од иницијативата чија цел е враќање на воздушните врски меѓу Европа и САД кои беа затворени поради пандемијата од коронавирусот.
Патниците мораа да покажат негативен тест не постар од 48 часа откако се качија на авионот Алиталија од аеродромот „Џон Ф. Кенеди“ и извршија уште еден кога слетаа на аеродромот „Леонардо да Винчи“ во Рим.
Сите сто патници беа негативни и не мораа да одат во карантин од 14 дена, што вообичаено се однесува на пристигнувања од САД.
Меѓу нив е и Кјара, Италијанка која живее во САД и пристигна да ги посети родителите заедно со сопругот и седуммесечниот син.
„По скоро една година се враќам во Италија. Нашиот син е роден во април и никој од моето семејство сè уште не го видел. Пресреќни сме“, рече Кјара.
Сите патници мораа да носат маски и да ги менуваат на секои четири часа, објавија аеродромските служби.
„Овој необичен експеримент дава надеж на воздушниот сообраќај, движењето на луѓето и економијата, дури и додека коронавирусот е тука меѓу нас“, изјави Никола Зингарети, службеник на провинцијата Лацио, на која и припаѓа Рим.
Интерконтиненталниот лет Newујорк – Рим следеше откако во септември беше обновен домашниот лет „без корона“ помеѓу Рим и финансискиот центар на Милано.
