Од 22 илјади здравствени работници во државата само 7 илјади 890 земале еднократна финансиска поддршка за третман на лица заболени од КОВИД-19. Другите 14 илјади останале без помош информираат од самостојниот синдикат за здравство. До редакцијата на ТВ21 пристигнаа неколку поплаки од вработени во здравствени установи. Тие се разочарани бидејќи не се во групата за која следува помош, иако и тие работеле со заразени или суспектни на Ковид 19.
„Многу сме разочарани затоа што секогаш сме биле повеќе од желни да исполниме се што се бара од нас. Да одговориме на сите обврски што ги имаме максимално. Така беше во изминативе 9 месеци. Многу од нас се разболеа на работа, многу од нас бевме во карантин и не можевме да работиме, не покриваа колегите. Навистина сме мал број на луѓе и целата работа ја работевме без одмор. Така беше постојано и се уште е. Кога ни кажаа дека не сме во ниту една мерка навистина бевме разочарани“, вели вработени во „8-ми септември“
Од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита велат дека во понеделник ќе имаат средба со министерот Венко Филипче за да му укажат дека и на останатите работници треба да им се додели еднократна помош.
„Нашиот став е дека сите здравствени работници кои имале директен или индиректен контакт со заболени со Ковид 19 треба да бидат наградени. Според нас, на сите треба да им се додели барем 5 илјади денари, а за лицата кои имале директен контакт да им се додели 25 илјади денари“, велат од Самостојниот синдикат за здравство.
Од Министерството за здравство велат имало пропусти, но веќе реагирале, всушност испратиле насоки до директорите на Јавните здравстени установи да ја дополнат листата и сите кои требале а не земале помош да им се исплати.
„По информациите и реакциите во јавноста дека во креирање на листите биле направени пропусти, а водејќи се од принципот на рамноправност, Министерството за здравство даде насоки до дирекотрите на ЈЗУ-а и ги задолжи доколку направиле пропусти да достават листа со имиња на здравствени работници кои биле изоставени, за истите долопнително да бидат исплатени“.
Од Министерството додаваат дека за доделување на еднократна финансиска поддршка за медицински и помошен персонал ангажиран во третман на лица заболени од КОВИД-19, беа утврдени јасни критериуми. Министерството побара од директорите и раководителите на јавните здравствени установи да испратат списоци на здравствени работници кои од почетокот на пандемијата работат или работеле со ковид пациенти, за истите да добијат еднократна парична награда од 31 000 денари.
