Во медиумите се појавија првите информации за протерување на руски дипломати од Северна Македонија. Како што објави порталот Алмакос, станува збор за политичките советници И.Хропјалков, А.Рождевсдвенски и аташето С.Попов. Се наведува дека тројцата дипломати го прекршиле дипломатскиот кодекс со сомнителни активности и несоодветни дипломатски дејствија. Дури според другиот портал Религија.мк, покрај тројцата дипломати, протеран е и еден архимандрит. Според порталот, станува збор за поглаварот на Руската црква во Софија, Васијан Змеев, кој минатата година имаше интензивни посети на земјава, со претставници на православната црква, Охридската архиепископија. Ја имаше улогата на координатор на руската црковна политика на Балканот, со посебно влијание во Бугарија и Северна Македонија.
Министерството за надворешни работи го потврди протерувањето на руските дипломати, но не соопштува детали. Од таму само велат дека ја прекршиле Виенската конвенција за дипломатски односи.
„На 12 септември во Министерството за надворешни работи е повикан амбасадорот на Руската Федерација, кому му била врачена дипломатска нота, со која тројца дипломати на Амбасадата на Руската Федерација во Скопје биле прогласени за непожелни во земјава (персона нон грата ). Оваа одлука е донесена по добиени информации од надлежните органи за преземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.“, велат од МНР.
На протерувањето реагираше и руската амбасада во Македонија. Пренесувајќи ја изјавата на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, велат дека протерувањето се случило без никаква причина и нема да останат без одговор.
„На 12 септември властите на Северна Македонија, без да ги образложат причините, објавија тројца дипломати на руската амбасада во Скопје за персона нон грата. Овој неодговорен и непријателски чекор на властите на Северна Македонија нема да остане без одговор.“, стои во соопштението на Захарова.
Инаку, претседателот на државата, Стево Пендаровски, предупреди на црковни врски со руската дипломатија. Пендаровски пред неколку месеци во интервју за ТВ24 рече дека од разузнавачките служби добил информации дека руските служби и се “умилкуваат“ на највисокото раководство на Македонската црква.
