Работни групи во Собрание ќе расправаат за предлогот – Трајанов: За францускиот предлог и протоколот сè уште има простор за корекции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќепартиска работна група составена по двајца пратеници од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, по еден од ДУИ и Алијанса за Албанците и уште еден од помалите политички партии од утре започнуваат расправа за забелешките на францускиот предлог од која треба да произлезат заклучоци. Во низата посреднички средби претседателот на Советот Шарл Мишел имаше средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери заедно со координаторите на пратеничките групи. Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ излезе со став кои ќе бидат нивните барања.

„Да се избришат членот 11 и членот 14 од Протоколот а потоа во Преговарачката рамка каде што имаме принципи врз кои што се водат преговорите а ги избришат членовите каде што се годишните прегледи и делот на кој што се повикува Протоколот на Првата меѓувладина конференција. Штом се става на маса да се разговара и има желба да се разговара очигледно има можност да се најдат одредени поместувања по однос на сите овие ситуации“, вели Никола Мицевски.

Од СДСМ потврдуваат дека утре веќе е договорена средба на координаторите на пратеничките групи но и претставници на партиите во Собранието на кој ќе се дискутира за заклучоците кои треба да бидат разгледани и усвоени од Собранието.

„Овие разговори не се поврзани со содржината на преговарачката рамка. Потсетуваме, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ веќе одамна јавно одбија учество во работните групи иако им беше понудено.Очекуваме одговорност од сите политички партии“, велат од СДСМ.

Мишел претходно во Владата имаше средба и со помалите политички партии Демократскиот сојуз, ЛДП, НСДП и ДОМ. Повеќето од нив деновиве изразија несогласување со францускиот предлог . Сепак на средбата која траеше час и половина, што беше и повеќе од предвиденото, тие  му порачале на Мишел дека во овој процес добро е да биде вклучен и парламентот преку работна група која би дала свои заклучоци. Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов вели дека тие заклучоци би биле обврзувачки за Владата, а според него се уште има простор за корекција на францускиот предлог.

„Кажав резерви околу тоа дека билатералните прашања наметнати од Бугарија не треба да бидат во Преговарачката рамка а сите други договори што се, вклучително и Протоколот треба да бидат сите обврски на реципрочна основа. Според мое мислење бидејќи до завчера се тврдеше дека тоа е готово земи или остави меѓутоа веќе продолжи процесот на усогласување околу Протоколот. Тоа значи дека повторно ќе заседава Советот на Европската унија и веројатно тогаш ќе се донесе дефинивна одлука.  Тоа значи дека има простор за модификации и корекции“, порача Павле Трајанов.

Првата средба на работната група се очекува да се одржи утре. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на денешната прес конференција со Мишел рече дека на Собранието е да одлучи дали ќе донесе одлука за почнување на преговорите веднаш.