Работник од Бразил останал без работа и без право на отпремнина откако судот го потврдил отказот поради активности што ги извршувал додека бил на боледување. Компанијата докажувала дека вработениот, кој работел како оператор во производство, во одредени периоди кога имал лекарско оправдување за отсуство од работа, учествувал на верски настани и ја извршувал должноста пастор.
Случајот го разгледувала Втората работна судска инстанција во Сао Каетано до Сул, во поширокото подрачје на Сао Паоло. Според доставените податоци, работникот во текот на 2025 година поднел дури 88 лекарски потврди со кои му било препорачано отсуство од работа, мирување или ограничување на физичките активности.
Како доказ, работодавецот приложил фотографии објавени на социјалните мрежи на верската заедница, на кои се гледа дека вработениот држи говори и учествува на верски собири во периодите за кои имал медицинска документација за боледување.
Меѓу доказите имало и фотографија на која работникот предводи верски собир додека, според лекарското оправдување, бил отсутен од работа поради цервикалгија, односно болки во пределот на вратот.
Компанијата пред судот нагласила дека причината за отказот не биле верските убедувања на вработениот, туку неговите активности за време на боледувањето, кои, според работодавецот, биле во спротивност со медицинските препораки врз основа на кои отсуствувал од работното место.
Работникот го оспорил отказот
Вработениот ја оспорил одлуката пред судот, тврдејќи дека компанијата конструирала причина за незаконско прекинување на работниот однос. Притоа се повикал на заштитата на работното место предвидена со колективниот договор и на правото на слобода на вероисповед.
Тој навел и дека здравствените проблеми му се влошиле по промените на работното место по враќањето од боледување, обвинувајќи го работодавецот дека не ги зел предвид неговите физички ограничувања.
Судијката Изабела Парели Хадад Флајт оценила дека, во околностите утврдени во постапката, вршењето верски активности за време на оправданото отсуство ја нарушило довербата неопходна за продолжување на работниот однос.
Во образложението на пресудата било посочено и дека работникот примал плата за време на отсуството, а истовремено извршувал активности како верски лидер. Судот укажал дека пасторите, иако по правило немаат класичен работен однос со верската заедница, можат да добиваат паричен надоместок за издршка, познат како пастирски надоместок.
Врз основа на изведените докази, судот го потврдил отказот и ги одбил барањата на работникот за враќање на работа, исплата на плати и други примања за спорниот период.
Сепак, постапката сè уште не е правосилно завршена. Работникот има можност да поднесе жалба.
