Работниците четири месеци без плати? – Предлог за стечајна постапка за АД „Бетон“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градежната компанија „Бетон“ АД Скопје четири месеци не пуштила плати за вработените, а сметката е затворена, односно блокирана повеќе од 45 дена. Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање информираше дека, во име на вработените од „Бетон“ АД Скопје, вчера до Основниот граѓански суд Скопје поднел предлог за отворање стечајна постапка.

Претседателот на Синдикатот за градежништво, изјави дека вработените што ги застапува ќе го искористат и последниот законски дозволен механизам и дека нема да отстапат од намерата компанијата да оди во стечај.

Покрај заостанатите плати, ќе бараат и исплата на заостанатите регреси за годишен одмор за последните две години.

Раководниот тим на „Бетон“ негира дека е отпочната стечајна постапка за компанијата и истакнуваат оти нивните напори за враќање на компанијата на старите патеки продолжуваат.

„До овој момент до нас како раководно тело не е стигната информација за почеток на Предлог за отворање на стечајна постапка. Ние продолжуваме во нашите напори и ветување да се врати компанијата на старите патеки. Компанијата пред краток период до Берза го испрати својот план за санација на компанијата кој планираме да го реализираме“, велат од компанијата.

Но, од синдикатот велат дека на вработените им се врши притисок да потпишуваат договори на определено време, со цел старите договори да не им важат. Ги повикаа работниците да не потпаѓаат на какви било притисоци и закани за отказ, туку да чекаат на она што е предложено до судот со отворањето стечајна постапка.