Со промената на власта во општина Тетово, сменет е и директорот на комуналното претпријатие Тетово. Новиот директор Љуљзим Фетаи за ТВ21 зборување “без ракавици“ обвинувајќи го старото раководство. Вели дека претпријатието има долг од 9 милиони евра а работниците не зеле плата 3 месеци. Тој вели дека претпријатието е во тешка финансиска состојба.
„Претпријатието е во тешка финансиска положба се соочува со долг од околу 9.7 милиони евра а три месеци сме без плата. Претпријатието сега реално инкасира 14 милиони денари месечно, додека трошоците на претпријатието се околу 21 милион денари што значи приближно 5 до 6 милиони денари имаме загуба“, истакна Љуљзим Фетаи.
Фетаи зборуваше и за бројот на вработени. Од 400 вработени, над 200 се со договор на дело. Според него повеќето се непотребни и планира да го намали бројот на вработени.
„Имаме планови за намалување на непотребните трошоци. Намалувањето на бројот на вработени со договор и да ги зголемиме приходите со неплатените сметки од граѓаните. Бројот на вработени е 420, а околу 200 се со решенија а другиот дел со договор на дело“, додава Љуљзим Фетаи .
Општина Тетово во моментов отпадот го носи во скопската депонија Дрисла. Фетаи исто така за ТВ21 открива дека ниту една сметка не е платена кон претпријатието, затоа долгот достигнал околу 1 милион и 500 илјади евра.
„90 милиони денари претпријатието има долг кон претпријатието Дрисла од Скопје. Некаде околу 1 милион и 500 илјади евра. Со еден збор, тие никогаш не платиле за отпадот што е фрлан во Дрисла и во моментов сме блокирани“, посочи Љуљзим Фетаи.
Иако 3 месеци работниците не зеле плата, тие секојдневно го чистат градот од отпадот. Фетаи се надева дека со кратењето на непотребните трошоци, буџетот ќе се зголеми и ќе се најде решение за плата за работниците.
