Рамковниот договор предаден во Државен архив – по 20 години единствениот документ го зачувал Илир Љума од Тетово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оригиналниот документ на Рамковниот договор отсега ќе сведочи за настаните кога се потпиша овој мировен договор на 13 август 2001 година, во просториите на Државниот архив.  Цели 20 години по потпишувањето досега не можеше да се најде ниту еден примерок. Груби рече дека стапиле во контакт со сите канцеларии на седумте потписници на кои поединечно им беше поделен по еден примерок, но дека не успеал да најде ниту еден од оригиналните документи. Овој што денеска беше предаден во Архивот е документот кој го доби тогашниот претседател на ПДП Имер Имери, партија која беше еден од потписниците. Илир Љума од Тетово член на ПДП го презел документот од партијата и грижливо го чувал овој документ кај себе цели две децении.

„Големата свест на Илир Љума од Тетово, член на ПДП кој се грижел цели 20 години за да го чува овој документ во својата куќа, имајќи ја предвид негрижата на сите институции и политички партии, кои го немаа архивирано овој документ. Нашите истражувања не доведоа до оваа откритие и господинот Лума пред две недели го достави овој документ во мојот кабинет“, посочи Артан Груби.

Првиот човек на Архивот Емил Крстески вели дека оригиналниот  документ на Охридскиот договор е значаен за нашата земја. Иако е од поновата историја тој документ ги отвора перспективите во секој поглед.

„Оригиналниот документ овде ќе го чуваме, ќе го дигитализираме и тој ќе биде транспарентен и достапен до секој оној што сака да се интересира за историјата и неговите детали  ќе биде зачуван како што треба по сите европски стандарди за еден Државен архив“, додава Емил Крстески.

Главниот настан за одбележување на 20-годишнината од Охридскиот Рамковен договор ќе се одржи во петок на кој своето присуство го потврдиле и неколкумина кои учествуваа во постигнувањето на овој договор. Рамковниот договор беше потпишан на 13 август 2001 година во Охрид со кој се стави крај на конфликтот во земјата. Негови потписници беа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, претседателите на четирите партии преговарачи на договорот на СДСМ Бранко Црвенковски, на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, на ДПА Арбен Џафери и на ПДП Имер Имери. Свој потпис како гаранти на Договорот ставија и Џејмс Пердју и Франсоа Леотар.