Расте бројот на кражби во Струга – Активистите: Последица од рестрикциите со уличното осветлување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Расте бројот на кражби во Струга. Од ден на ден овој феномен е се позабележлив во оваа општина. Мета на крадците се куќи, станови и деловни објекти. Ограбени се и канцелариите на општинскиот објект во градот а се поштедени ниту верските објекти, како црквите и џамиите.  Најчесто крадците земаат пари, накит, компјутери, лаптопи и други вредни предмети. Градските активисти веруваат дека зголемениот број кражби се должи на рестрикциите со уличното осветлување во градот и околината.

Од СВР Охрид велат дека по зголемениот број кражби засилена е и истрагата за откривање на сторителите.

„Зголемена е и откривачката функција на полицијата, така да во изминатиот период за сторените казнени дела кражби и тешки кражби на подрачјето на Струга ОВР Струга има поднесено вкупно 73 кривични пријави. Значајно е што се пронаоѓаат сторителите и со кривични пријави се изнесуваат пред правосудните органи“, вели Стефан Димовски.

Минатата година во Струга имало 89 тешки кражби и 62 полесни. Оваа година до октомври се регистрирани 113 тешки кражби и 63 полесни.