Бројот на туристи во Северна Македонија во периодот јануари-мај 2024 година е зголемен за 12% во однос на истиот период минатата година. Кај домашните туристи има зголемување од 2,6%, додека кај странските има зголемување од 16,6%. Во истиот период, зголемен е и бројот на ноќевања за 10,2%. Ова се најновите податоци за периодот јануари-мај на Агенцијата за статистика за туризам во Северна Македонија.
Туристите во Македонија најмногу ги претпочитаат Скопје и Охрид. Им се допаѓа центарот на Скопје, Камениот мост и храната.
„Штотуку го посетив Скопје“.
-Денеска дојдовте?
-Каде бевте во Скопје?
„Ова ми е прв ден“.
-Што ве импресионираше најмногу овде?
„Храната беше многу добра“.
„Синоќа дојдовме и немавме можност многу да видиме. До сега поминавме низ центарот, Старата Чаршија е многу убава. Слушаме многу странски јазици и е интересно за туристите овде“.
„Тешко е да се каже бидејќи само што стигнавме доцна синоќа. Ова е нашата прва прошетка во градот. Планините и статуите, ги има многу, убави се. Камениот мост е многу убав. Старата чаршија овде е многу многу добра. Сè е многу евтино. Негова беше идејата да дојдеме овде бидејќи сакаме да доаѓаме на Балканот, не сме биле во Македонија претходно. Ќе одиме и во Охрид. Таму ќе го поминуваме најголемиот дел од времето, езерото…“
Зголемување на туристите го забележуваат и продавачите на сувенири и туристички производи во Старата чаршија, но зад камерите се пожалија дека нема доволно продажба.
Бројот на туристи кои ја посетиле Северна Македонија во мај годинава изнесува 106.604, од кои 74,5% се странски туристи. Бројот на ноќевања во мај изнесува 200.439, од кои 70,6% се странски туристи.
