Растот на цените предизвикува политички реакции, предлози за намалување на даноците и заштитни мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Демократската унија за интеграција реагираше на зголемувањето на цените на нафтените деривати, оценувајќи ја состојбата како алармантна за семејните буџети и барајќи итни мерки од Владата за заштита на граѓаните и економијата. Според нивната анализа, недејствувањето на Владата ги чини граѓаните и бизнисите околу 685 илјади евра дневно, додека семејствата во Тетово, Гостивар и Куманово плаќаат до 650 евра повеќе годишно како последица на поскапувањето.

„Само во последните две недели, граѓаните платиле над 10 милиони евра повеќе за нафтени деривати. Зголемувањето на цените од 21 денар по литар директно ги погоди граѓаните кои патуваат кон Скопје. Граѓаните на Тетово: околу 600 евра повеќе годишно по граѓанин, граѓаните на Гостивар: околу 780 евра повеќе годишно по граѓанин, граѓаните на Куманово: околу 579 евра повеќе годишно по граѓанин“, изјави Имране Велиу Алиу од ДУИ.

Со критики кон Владата излезе и опозициската СДСМ, која посочи дека и покрај најавите на премиерот за намалување на цените на горивата, тие се зголемиле за 7 денари. Социјалдемократите предупредуваат дека ова поскапување ќе предизвика нов бран на раст на цените на храната, основните производи и електричната енергија.

„Само за една недела, граѓаните платија дополнителни 3 милиони евра. Со новото покачување, таа сума ќе достигне 4,5 милиони евра неделно – што е директен удар врз семејните буџети и економијата. СДСМ подготви пакет законски решенија кои ќе ги достави во Собранието:
-Намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5%
-Намалување на акцизата за 4 денари
-0% ДДВ за основните прехранбени производи
-Преполовување на цените за патарините“, велат од СДСМ.

На прашањето за оваа тема, вчера од Владата изјавија дека активно ја следат состојбата со цените на горивата и дека во наредниот период, меѓу опциите што се разгледуваат е и намалување на ДДВ од 18% на 10%, со цел заштита на животниот стандард на граѓаните.